31.5.09

Кнауф - Радика


СГГУ на град Скопје „Здравко Цветковски“ во соработка со Кнауф - Радика пред неколку години во нашето училиште оформија посебна струка - монтери за сува градба, паралелки со тригодишно образование. Учениците од оваа струка се оспособуваат за градежни работи, односно монтирање на гипсани плочи за сите намени.
Кнауф - Радика за поуспешно образование, особено за практичниот дел опреми работилница во нашето училиште со сите потребни материјали и постојано ги надополнува материјалите кои ќе се потрошат.


Во оваа работилница учениците секојдневно практично се усовршуваат...




Тука се подготвуваат и за натпреварите кои секоја година се одржуваат во разни градови од поранешните југословенски простори и пошироко.



Во пресрет на овогодинешниот натпревар кој ќе се одржи во Задреб, мало потсетување за ланскиот натпревар кој се одржа во Белград на 31. 5.


На натпреварот учествуваа ученици од повеке европски држави како: Хрватска, Црна Гора, Србија, Литванија, Литва, Бугарија и Mакедонија. Се натпреваруваа 10 екипи.
Од нашето училиште се натпреваруваа Илија и Дарко, а ментори беа професорките Лида Трајковска и Жанета Димитриевска. Натпреварот се одржа во средното градежно училиште во Белград.




Нашите ученици го освоија четвртото место.



Истиот ден беше организирана трибина на тема „Сувата градба и современите текови“ каде наставниците дебатираа за предностите на сувата градба како и проблемите со кои се соочуваат при реализација на практичната настава и за начинот на реализација на практичната настава.
Наредниот ден учениците, наставниците и менаџерите од Кнауф ја посетија фабриката Кнауф за современо индустриски произведени малтери во Земун, каде детално беа запознаени со технолошкиот процес за производсво на современи малтери.
Потоа беше организирано панорамско разгледување на градот со автобус и брод по Дунав каде попатно беа разгледани повеќе историски знаменитости и центарот на градот.
Вечерта беше организирана свечена вечера во хотелот Србија на која учесниците ги поздрави и ги додели наградите директорката на Кнауф од Австрија.
Потоа беше организирана забава за сите ученици каде имаа можност подобро да се запознаат учениците и професорите и да разменат искуства.


На новата екипа им посакуваме успех на овогодинешниот натпревар во Загреб.
Со среќа!

25.5.09

Матурска вечер

На 25 мај матурантите од ГУЦ прославуваа во ресторанот „Ден и ноќ“. Пред ресторанот не дочекаа бројни тапанџии и зурлаџии.




Откако свирачите се пооддалечија директорката со своите помошници можеа на мир да се сликаат и да ги чекаат матурантите да дојдат.




Откако сфатија дека матурантите и оваа година ќе дојдат доцна, професорите решија да влезат внатре...

Кога конечно се собраа сите, директорката го заводе првото орце, и второто, и третото и се така до крајот на забавата која за жал траеше кратко.




Ресторанот „Ден и ноќ“ не сака да вади лиценци за работа по 1 часот, па затоа матурската заврши во 1.15. Но, забавата на матурантите не заврши тука, туку во дискотека до раните утрински часови од каде право дојдоа со музичари во училиштето.

23.5.09

Наградите од МАССУМ

На овогодинешниот МАССУМ (Младинска асоцијација на средните стручни училишта), нашето училиште може да се пофали со 5 награди - од прво до трето место. До сега тоа е најголем успех за нас.

Новата директорка, Драгица Костадиновска, и нејзиниот тим, обрнуваат големо внимание на воннаставните активности. Активирањето на секциите за само четири месеци вродија многу плодови.

За МАССУМ се подготвуваа: училишниот бенд, театарската претстава, ораторството, интервјуто за работа, маркетинг планот, уредување на штандот, спорт и др.

Раководството на сите оние што имаа желба да учествуваат во натпреварите им ги овозможи сите услови и за се им излегуваше пресрет.

Од ГУЦ секогаш излегувале добри музичари. Пред две години на МАССУМ бендовите не се натпреваруваа, туку беа ревијални. Тогашниот бенд направи прекрасна свирка на саем и беа најдобри. Бендот го сочинуваа двајца Албанци и четворица Македонци и прекрасно функционираа.




(Поздрав до моите ученици - од класната)



За среќа, таа традиција се продолжува. Оваа година на МАССУМ кога бендовите се натпреваруваа, нашиот бенд го освои првото место.

Браво!





Учесниците за маркетинг план беа најтивки и си ја работеа својата работа. Ни го донесоа вториот пехар - второто место во Македонија. Вистинска радост е ваквата награда. Браво за скромноста и браво за успехот! Единствена пречка до првото место им било тоа што нашето училиште нема реална компанија. Но, со вакво засилено темпо на раководниот тим таква компанија до следниот МАССУМ сигурно ќе има.

Уредувањето на нашите штандови е можеби единствената категорија во која речиси секогаш освојуваме награди. Секако, тоа е најмногу благодарение на нашите поддржувачи - Кнауф - Радика. На сите им посакувам да имаат такви партнери како нашите. Секогаш кога нешто ни треба, Кнауф - Радика ни излегува пресрет. Голема благодарност! (Ќе ги фалам и во следните постови - затоа што навистина заслужуваат).

И оваа година штандот беше меѓу најдобрите и го освои второто место.

Трети места освоивме за претставата „Шмизла“ и во фудбалските натпревари.

Искрено, не ги гледав претставите кои ги освоија првото и второто место, веројатно биле премногу добри штом нашата го освои третото, ама нашата претстава за мене беше нешто што одамна не сум го видела на професионалната актерска сцена, а камоли на аматерската. А сум ги гледала сите претстави што се изведуваат во Скопје. Мислам дека не сум пристрасна, мислам дека навистина се одлични и за мене тие се вистински победници.

За жал, од спорт не се разбирам многу, но секогаш го поддржувам. Третото место во фудбалските натпревари не го сметам за преголем успех, бидејќи нашето училиште освојувало многу спортски награди, но во последно време професорите по спорт малку омртвеле (или остареле), и не можат да се вложуваат доволно во воннаставни активности. Се надеваме на подобри времиња и на свежа крв.

Интервјуто за работа беше на петто место, а ораторката иако беше одлична не влезе во финалето. Без разлика што не донесоа пехари - за нас и тие се победници. Продолжете со работа и ќе успеете!

20.5.09

Шмизла од ГУЦ

Денес сум многу горда на нашето училиште.
На 21. 5. 2009 г. во 20.00 часот, во Младинскиот културен центар нашите ученици ја изведоа претставата „Шмизла“ од Сашо Тасевски. Средствата од продажбата на картите ќе се донираат во СОС Детското село. Поубаво од самата донација, која не е голема, е приближувањето на нашето училиште со дечињата од селото. Се надевам дека и во иднина ќе наоѓаме прилики да се дружиме.
На почетокот, еден од менторите на проектот, нашиот професор Стево Павловски ја прими Благодарницата од директорката на СОС Детско село, изработена од дечињата.




На наше големо задоволство салата беше полна со гости, а меѓу нив и гостинчињата од Детското село.








Впечатокот што сите го имаа од претставата е дека беше исто како да ја изведуваат професионални актери, како во целост да е подготвена од професионалци. Браво!

Почетокот на сите им ја наежи кожата. На темната сцена осветлена само со две свеќи, жена на подот се превиткува во породилни болки, а крај неа тројца со качулки. Одеденаш прекрасен глас ја запејува „Со маки сум се родила“ - Иван (ученик од четврта година), во претставата Таки - не изненади сите.




Меѓу играните сцени имаше снимен материјал кој ја збогатуваше претставата и не оставаше празен простор додека се менуваше сцената.


На снимен клип Ѕвер и Коза играат кошарка во нашиот училиштен двор...


а потоа со баскетот и пивата двајцата се појавуваат на сцената...







Во меѓувреме двете „шмизли“, мајката и ќерката се дома и гледаат шпански серии.

Мајката наоѓа начин одоколу да ја возврати ќерката од врската со Ѕвер, кој според неа е неперспективен, сака да биде глумец и нема доволно пари.


Таткото, безгласна буква во семејството, се враќа од работа, но никој не го пречекува. Нема подготвено ручек, односно вечера, бидејќи тие двете не се „замараат“ со такви работи.

Затоа тој сам оди да си купи пица, а прима нарачки и од ќерка си (пица, цигари, списание).



Додека тој оди по храна, тие двете си се договараат утредента да одат на шопинг иако таткото е пред банкрот.


По шопингот влегуваат во кафеаната на Таки, каде Дона (ќерката) сака да го испипа пулсот на мајката и да дознае што мисли таа за него. Дона и Таки веќе подолго време се во љубовна врска иако тој е врсник со мајката.

Мајката веднаш почнува да флертува со Таки - тој е нејзин тип на човек, богат!

Попладнето Дона е кај Таки иако претходно се договара со Ѕвер да се слушнат и да се видат.




На телефон се јавува таткото на Дона, бидејќи мајката видела прилика тој да помогне, па смислила приказна дека се школски другари и му го дала бројот.

Вечерта Дона излегува во дискотека каде ја среќава Ѕвер и почнува да се сомнева дека нешто се случува.




Во домот избива семејна караница. Таткото не може да го истрпи товарот на банкротот и неразбирањето од страна на својата сопруга која безмилосно ги троши последните пари.





Утредента Дона дознава дека е трудна.




Му се јавува на Ѕвер, но тој не е дома. Му се јавува на Таки, но тој лаже дека е на пат. Всушност, тој е со мајката која веќе го „смувала“ за да си добие нови чевли и помош за нивната фирма. Но, Дона не можејќи да го поднесе товарот на сознанието дека е трудна решава да го чека во неговиот стан. Таму ги начекува Таки и мајка си во прегратка.

Дона ги уценува. Бара пари за себе, да избега од целата игра, и пари за фирмата на татка си.
Таки се сложува и прифаќа да им дојде на гости за роденденот на Дона.


Коза, кој никогаш не лаже, откако Ѕвер го прашува за своите сомнежи, му кажува дека ја видел Дона со некој кој мислел дека и е вујко или чичко.

Излезот од ова сознание на Ѕвер е „начукување“ со пиво.


Така, испијанет, Ѕвер оди во домот на Дона каде со пиштол поаѓа да го реши проблемот. Но пиштолот го зема таткото, го убива Таки, а мајката останува инвалид.


Ѕвер ќе отслужува двогодишен затвор, а Дона со бебето заминала во странство.


Пофалба до сите наши глумци. Одлични бевте.
Но, морам да кажам дека Коза, кој немаше голема улога во претставата ја освои публиката со непосредното, спонтано однесување на сцената.

Ова е целата екипа: Стево (ментор), Ратко (Коза), Ивана (келнерката), Филип (полицаецот), Флорита (ментор), Дуга (техничка поддршка - видео бим), Стефанија(Дона), Томе (Ѕвер), Алмир (таткото), Ирена (мајката), Панче (светло мајстор) и Иван ( Таки) - чучнатиот.
Бидејќи поголемиот дел од екипата се матуранти, ви посакувам да си го најдете вистинскиот пат во животот и многу успеси во иднина.





Хуманитарни хепенинзи


Во ГУЦ, покрај денешната хуманитарна претстава, оваа година се случија и два хуманитарни хепенинзи. Првиот беше пред Осми март (Осмомартовски базар), а вториот пред Велигден (Предвелигденски хепенинг).

ОСМОМАРТОВСКИ БАЗАР

За седми март (кога беше предвиден нашиот базар) најавуваа лошо време, дожд и студ.Стопати се премислувавме каде да ги наместиме тезгите: во дворот или некаде внатре. Еден час пред почетокот сепак решивме да бидеме надвор. Затоа беше неопходна итна акција. Чистење, средување, местење на тезгите,

китење,


местење на нашиот редовен хуманитарен ди-џеј,



и, забавата можеше да почне...
Нашите водители ги најавуваа ѕвездите што ни беа гости,


маникенките кои го презентираа накитот изработен од учениците, а наменет за хуманитарна продажба,

и нашите најголеми ѕвезди, победниците во својата категорија на Струмичкиот карневал,



кои се сликаа со професорката која им ги соши костумите.


По целата претстава следуваше главната поента на овој базар, хуманитарната продажба на накит

и макети изработени од учениците.





ПРЕДВЕЛИГДЕНСКИ ХЕПЕНИНГ
Пред големиот христијански празник, направивме уште еден хуманитарен хепенинг. Овој беше малку „похранлив“ и повкусен.
Професорките, мајките и бабите направиле прекрасни пити, колачиња и шарени јајца за да им помогнат на оние на кои најмногу им треба.
Местото на случување беше исто, но времето поубаво, сончево и веќе раззеленето.



На почетокот највоодушевени беа учениците од муслиманска вероисповед кои со насмевка ги сликаа сите шарени производи,

а професорите ги купуваа...

ни ученичките од христијанската вероисповед не беа имуни на сликање.

Дојдоа многу хумани луѓе кои ги купија речиси сите прекрасни работи.


На крајот, нашата драмска секција изведе две сцени од претставата „Шмизла“ која денес ќе биде прикажана во МКЦ и повторно хуманитарно.


Средствата од двата хепенинга беа наменети за операции на две дечиња, а средствата од претставата ќе бидат наменети за децата од СОС Детското село.