28.11.09

Семинари, обуки & работилници

Семинарите, обуките, работилниците и разните натпревари се случуваат постојано во текот на годината. Јас навистина не можам ни да стигнам да информирам за нив.
Центарот за стручно образование, во нашето училиште, организираше средба на директорите и професорите по стручни предмети за новитетите кои се планираат во стручните училишта.
Средбата беше информативна и работна, а сите сугестии беа добредојдени.


Директорите многу сериозно ги прифатија сугестиите, и се сложија со нив.

Главната поента беше во тоа, дека треба да се овозможи полесна преодност на учениците од трет во четврти степен на образование. Односно, наставната програма да се прилагоди за да овозможува полесна преодност. Сега, работите не се баш добри. За илустрација: ученик кој завршил тригодишно образование треба да полага околу 14 диференцијални испити за да може да го продолжи своето образование. Тоа можеби и би било во ред гледано од страна, но не е во ред кога се познаваат работите. Учениците од трет степен секоја година имаат повеќе предмети од останатите (учат хемија, биологија, географија), стручните предмети им се слични, но не баш исти. И, откако ќе завршат, иако имале повеќе предмети, тие треба да полагаат уште колку за две години за да стигнат во четврта.
Значи, се надевам дека во Центарот за стручно образование ќе најдат сили оваа неправда да ја исправат.


По неколку дена се случи и една работилница во која учествуваа претставници од нашата младинска организација „Млади градители“. Целта на оваа работилница беше јакнење на капацитетите на локалните младински организации, а учество на обуката земаа повеќе средни стручни училишта од Скопје, Тетово, Гостивар и Куманово.

Предаватели на нашата група беа: Марина Цветковска (проф.лекар од Средното медицинско училиште од Скопје) и Ѓошевска Соња (проф. по стручни предмети во АСУЦ, моментално инспектор за образование). Обуката во поголемиот дел се одвиваше преку работилници, за што бевме поделени во 4 групи. Во нашата група беа и проф. Снежана Савеска од музичкото училиште во Скопје, заедно со ученикот Филип, потоа, психологот Никола од „Браќа Миладиновци” и ученичката Јасмина Димовска од „Димитар Влахов” (наставникот-ментор беше отсутен). Пред почетокот на нашата работа, г-динот Ѓорги Кушевски, не информираше дека до 15.12.2009г. секое училиште, односно младинската организација, треба да достави предлог проект со тема МУЛТИ КУЛТИ.

Во првата фаза, дефиниравме идеја на проектот. Нашата група избра „Хуманитарен настан” за поддршка на децата бездомници, кој би се одвивал преку продажба на производи и услуги од учениците на сите 4 училишта во групата.
Цел на проектот: Хуманоста и алтруизмот, одлики на секого!
Резултат: Пари за СОС !




Следна фаза по дефинирање на проектот беше SWOT анализирањето
- S (јаки страна на проектот)
- W (слаби страни на проектот)
- O (предности, можности)
- Т (закани, пречки)



Трета фаза беа активностите за спроведување на проектот
А) Стратегија
Б) Носители
В) Време на реализација
Г) Идентификатори

Во последната фаза беше одредување на потребните финансии, буџетот. Обуката ја завршивме со договор да ги информираме директорите на 4-те училишта, и да побараме да го поддржат овој проект.
Од нашето училиште учество земаа наставник-менторот Жанета Димитриевска, потпретседателот на л.м.о. Гаврил Карловски и активниот член Сузана Костовска.
Се надевам дека од младинската оргнизација „Млади Градители”, ќе произлезат многу корисни проекти.
(Текстот и дел од фотографиите се на Гаврил - него секаде го има, и не знам што ќе правиме кога ќе матурира. Ќе те вработиме во ГУЦ).
Во меѓувреме имаше и натпревар за маркетинг планови и реални компании, но за жал, немаме фотографии и многу информации од таму. Како и да е, ние и таму земавме активно учество.




14.11.09

Ден на дрвото 2009

Акцијата за пошумување на Македонија т.н. „Ден на дрвото“ е можност да излеземе во природа, да се дружиме на поинаков начин и сите да придонесеме (ако има можност) во спасување на природата.Од нашето училиште многу голем број ученици и сите вработени се вклучија во акцијата.
Во 8 часот три преполни автобуса отидоа на Ајватовски Рид.
Во нашиот двор, професорката по биологија Билјана Атанасовска, со својата секција, направи сопствена акција.
Од градот добивме четири зимзелени и четири листопадни дрвца. Професорката, заедно со учениците, ги насадија во предниот дел од дворот.

Најмногу се измачија со 20 години неископаната земја обрасната со пиреј.
Но, вложениот труд се исплати...

Во 10 часот, дојдоа уште три автобуса кои исто така се преполнија...

А од лицата на професорите може да прочитате колку беа среќни што ќе одат на „ридот“.


Сепак, сите се качија во автобусите, а како си поминале, тие си знаат...
Во училиштето остана само мала група да ја доврши започнатата работа...
Да се надеваме дека сите дрвца посадени денес ќе се фатат и ќе растат.



5.11.09

Патронат??? - што беше тоа?


Седнале четири жени (над четириесет години) и си правеле муабет како во нивно време се прославувале патронати???
Море, двомесечни подготовки, море хор, оркестар, рецитал, драма и на крајот „игранка“.
Кај се тие времиња сега? (Е, кај се, де кај се?)
Нашиве ученици знаат само дека за патронат не се учи.
Не знаат точно кој е Здравко Цветковски, зошто училиштето ни се вика така, зошто се празнува...?
Јас сум во ГУЦ 17 години. До сега не сме празнувале патронат. (Имало јубилејни празнувања, ама за патронат, само скратени часови и „коктел“).
Денес, направивме мала приредба (зашто ако е голема - на сите многу ќе им дојде).
Кај беше мала, па уште беше и мултинационална (па пак на сите многу им дојде).
Додека се подготвувавме го начекав единствениот момент да се „натопорам“ за сликање со моите македонисти...

Приредбата се случуваше, како и минатиот пат, во реновираниот хол на влезот...





Фала богу, овој пат имаше повеќе публика (сите места беа полни, а учениците стоеја по страните).

Рецитаторите, од левата страна си го чекаа својот ред.


Музичарите, исто така...
Директорката ја отвори приредбата...


А потоа следуваше биографијата на Здравко Цветковски...


Историјатот на нашето училиште...


Во првиот ред и внукот на Здравко Цветковски - Здравко Цветковски, кој ни направи чест со своето присуство.

Следуваше албанското хорче кое се претстави со песната „Среќен патронат“

Дијалог за патронот....
Збогум (Lamtumir)...
За развеселување на атмосферата (малку срамежливо) Каролина - Македонска...


Потоа, дел од претставата „Буре барут“...

За на крајот, да се расположиме со гафовите од професорите...


И, на крајот, весело,
весело со Калиопи...


Една официјална фотка на учесниците...


Па, една неофицијална, од публиката...


Лапачка, пијачка...



Доделување на наградите (кој во фудбал, кој во кошарка)...


И, на крајот, во канцеларијата на директорката...


И во знакот на патронатот... се гледаме следната година ... (mirupafashim... - за јубилејот...)