3.7.09

Завршен наставнички совет


Пред конечно да се одмориме и ние професорите, одржавме еден завршен Наставнички совет.
Тука ги презентиравме сите работи (освен воспитно-образовните) кои ги реализиравме ова полугодие.
Секој имаше можност да се пофали со работата што ја завршил, за проектот кој го реализирал, за придонесот кој го дал за нашето училиште.
Прв започна активот по македонски јазик и литература:



Овој актив навистина имаше со што да се пофали. Тие уште пред почетокот на оваа година (пред Нова година) внесоа новитети во училиштето. Училишната новогодишна прослава ја организираа интерно, во просториите на училиштето, со убава, кратка претстава за најмалите, закуска приготвена од самите професори, музика од ди-џеј (сопруг на една од професорките кој бесплатно се ангажира и со музика и со опрема).
Тие организираа и пригодно одбележување на роденденот на Тоше Проески во холот на училиштето, го организираа и осмислија појавувањето на нашето училиште на Струмичкиот карневал (со маската „Мулен руж“) каде освоивме прво место во нашата категорија, голем удел имаа во организирањето и осмислувањето на Осмомартовскиот хуманитарен базар како и на Велигденскиот хепенинг, на МАССУМ учествуваа со ораторскиот говор, интервјуто за работа и претставата „Шмизла“ која освои трето место. Претставата потоа ја искористија во хуманитарни цели, ја изведоа во МКЦ, а со парите од продадените карти купија подароци за дечињата во Детското село каде беа гости на 23.6.2009 година.

Не затоа што сум дел од него (петта од десно, ретко на фотографии бидејќи сум зад апаратот), ама навистина мислам дека носечката улога во ова полугодие ја имаше токму овој актив.

Неколку други активи ја прифатија нашата еуфорија и вложија многу труд и постигнаа навистина огромни резултати.
Следен се претстави активот по албански јазик и литература. Тие ќе треба да се интегрираат со македонистите за нивните активности да добијат вистински облик. (За жал сите ученици Албанци што учествуваа во активностите беа ангажирани од македонистите, а не од професорите по албански). Ова, следната учебна година мора да се поправи.



Актив кој навистина е за голема пофалба се архитектите. Нашето училиште е веќе со децении необновувано, запуштено, руинирано. Нашата директорка и нејзиниот тим сакаат (колку е тоа можно за објект од 10 000 м2) да го обноват и оспособат училиштето за најсовремена настава. За тоа е неопходно се да се фати од корен. Корен ми значи баш корен. Од сите водоводни, канализациони инсталации, кровови, подови, тоалети, ѕидови, прозорци - се да се обнови и санира. Во оваа насока, за да може од некаде да се почне, мора да се направат проекти. Тоа го направија нашите архитектки. Цело полугодие вложија огромен труд да ги направат проектите за нова водоводна инсталација, за нова кровна конструкција (професорката Биљана Чурилова - во вториот ред со циклама маица), за нови прозорци (професорката Весна Трпковска). Браво!


Следна презентација на своите активности имаа професорите по практична настава (архитекти и градежници) координирани од професорката Весна Христовска.

За првпат нашите ученици имаа можност дел од практичната настава да ја изведуваат во самото училиште. Ми се допаднаа коментарите од неутралци во оваа насока. А, тоа беа: овие деца за првпат фаќаат алат во своите раце (затоа што кога одат на пракса тие само гледаат и не им дозволваат да работат), а тука можеа да стружат, да глетуваат, да бојосуваат ѕидови, да ѕидаат ѕидови, да ги прават од кнауф.
Професорите по практична настава со учениците ги обновија ѕидовите во 7 училници, ги санираа ѕидовите во ходниците (изедени од влагата на вецињата), изградија оградни ѕидови, санираа атмосфеска канализација, изградија два нови ѕида од итонг блокови, еден од кнауф. Ако продолжат вака, ќе бидеме светски за две години. Браво!


Нека не ми се налутат колегите што сигурно некого ќе пропуштам во пофалбите за унапредувањето на нашето училиште. Но, ќе ги истакнам оние што ми оставија впечаток.

На пример, овие тројца...


ги „искористувам“ во остварувањето на моите интегрирачки меѓунационални односи (поздрав до нив).
Во оваа насока нашето училиште презема сопствени чекори за интеграција преку спроведување на наши проекти за ненасилство, интеграција и соживот. Таков проект водеше професорката Лида Трајковска, која го презентираше пред присутните...



Слично, но нешколски (не со стандардни часови, вежби и работилници), професорката Јорданка Кепеска, се заложи за соживот преку проектните активности за граѓанско образование со носење на учениците (Македонци) во џамија и во саат-кулата. Таа со воодушевување раскажуваше за прекрасниот прием од страна на оџата кој им ја раскажал целата историја на џамијата и предложи следната година да води ученици од мешан етнички состав во нашите џамии и цркви. И за ова браво! (И јас сакам да дојдам).


Помладите колешки од мешани активи земаа учество, ги организираа, координираа и беа најмногу ангажирани во хуманираните активности (Осмомартовскиот и Велигденскиот хепенинг) - голема пофалба за нив и извинување што не ги фотографирав.
Иако не се истакнаа со своја презентација тука не можам а да не ги пофалам геодетите, односно професорот Слободан Димитровски кој направи геодетски премер на целото училиште (за само три дена) на 10 000м2!!! Браво! Браво! Браво!
Не се чудете на толку многу браво! Зашто училиштево постои 60 години и никој не се нафатил да му прави премер, а професорот (првиот од лево) тоа го направи за три дена!!!

А тие до него (англичанките) се премногу скромни и не се пофалија со ништо, а учествуваа во се. (Следниот пат помалку скромност - кажете им на другите што сте направиле!)

Нашата професорка Соња Стефановска го презентираше маркетинг-планот (работен заедно со проф. Коста Гочев) за МАССУМ (кој освои второ место) но кој е многу реално важен за нашето училиште. Тоа е создавање на нашата реална компанија за која веќе ги имаме основните средства (простор и машини) и која треба да профункционира.



На крајот се презентираше успехот на сите класови (просеци изработени од математичарите)...




каде сите видоа каде се наоѓаат (како класни раководители и предметни професори).


Ќе заборавев еден многу важен актив - спорт, ликовна и музичка уметност. Тие, а особено професорот по ликовна уметност, Глигор Васков, сесрдно се вложи во сите активности. Тој учествуваше во се и многу повеќе од тоа се. Во сите претходно истакнати активности Глигор ни беше главна потпора - Струмичкиот карневал, Осмомартовскиот базар, Велигденскиот хепенинг (работеше и дење и ноќе) а потоа самостојно учествуваше на изложбата во Мала станица со слики и колажи изработени од нашите ученици.
Професорите по спорт учествуваа во сите натпревари во МАССУМ, земаа второ место во фудбал и многу други награди.
Исто така не треба да се заборави дека нашиот музички бенд го освои првото место на МАССУМ! Браво за нив.
И, на крајот, на сите ви посакувам добар одмор, успешна работа во следната учебна година, и да не ме заборавите мене... зашто приказните за Македонија ќе продолжат...зашто за мене нема одмор...
Да сме живи и здрави сите, да оди напред нашето ГУЦ, и да ни живее Македонија.


1 коментар:

  1. Ushte da mi gi popravea ocenite na krajot i kje mi beshe pochetok na dobar odmor, i zhelba za pouspeshen uspeh vo narednata uchebna godina :))

    ОдговориИзбриши